Интервју со Трајко Ајтов

Трајко Ајтов носител на листата на Твоја партија е една од опциите за која Велешани ќе можат да гласаат за членови на Совет. По што се разликува Вашата програма од останатите?
АЈТОВ: Свесни сме на податокот дека Твоја партија е нов политички субјект кој се појавува во нашиот град Велес. Апсурд е да зборуваме за програма во која секој втор збор ќе биде „ЌЕ„. Затоа ние како партија ќе се залагаме и ќе ги подржиме сите позитивни иницијативи кои ќе се однесуваат за решавање на еколошките проблеми во градот.
Ќе иницираме иницијатива за нашиот проект СМАРТ ЕКОЛОГИЈА. Поставување на смарт мерни места во непосредна близина на потенцијалните загадувачи и фирмите во непосредна близина на градот. Податоците од овие мерни станици да се упатуваат до Градоначалникот, инспекторот за екологија, потенцијалниот загадувач и за екстремно големи загадување до истражните органи. Инспекторот за екологија да се појави на лице место во рок од 3 часа (опција за пократко време), да констатира ситуација и направи записник и според процентот на надминување на загадувањето да преземе и изрече соодветна мерка и казна. Ако загадувањето е енормно големо тогаш да се активираат истражните органи и да превземат дејствија и донесат соодветни кривични пријави за загрозување на животната околина. За непостапување по овие податоци да се преземат соодветни санкции и казнени мерки и за горенаведените одговорни лица.
Како демократска партија, ние се залагаме за зголемување на човековите и демократските права. Затоа ќе поднесеме иницијатива за воведување на критериуми за вработување во сите институции кои се во надлежност на Општината па и во самата општина.
Вие имате долгогодишно искуство во образованието како професор и директор. Кои се горливите проблеми со образовниот процес?
АЈТОВ: Па имам преку 30 години стаж во образованието. Искуството мое е во средното стручно образование. Затоа можам за ова повеќе да допринесам и кажам. Прв проблем е политизацијата на образованието. Тоа е рак раната која со години го уништува образованието. Пред да се навратам на ова сакам да кажам дека јас работев и бев избран за директор пред да настапи политизацијата во образованието односно пред да се донесе законот со кој Министерот а покасно Градоначалникот назначува директори по училиштата.
Јас сум избран на „социјалистички “ начин преку Работничкиот совет во училиштето а согласност даваше тогаш Премиерот на државата. Со политички назначување на директори по гаражите, кафиќите почна уназадувањето на образованието во поглед на воспитно образовниот процес. Образованието не се само прозори, кровови, јавни набавки туку образованието е и наставниот план, наставната програма и нормативот на наставниот кадар.
За жал и во погорните институции се вдомија политички кадри кои слободно да кажам ниту ги познаваат ниту ги разбираат овие проблеми. Но темава е многу широка затоа со еден најнов пример пи посочил проблем кој излегува од овакво неразбирање.
Замислете наставник кој е по струка електроинжинер – електроничар му ги одземате посебно стручните предмети и му доделувате предмети за електроинжинер – за компјутерска техника и автоматика (потенцирам посебно стручни предмети а не заедничко стручни предмети). Згора на тоа тој наставник е избран за рецезент на конкурс за учебник по електроника. Сега се поставува прашање кој им прави штета на учениците. Тој што му ги доделува предметите или наставникот кој бега од својата струка?
Овакви комбинаторики прават реководителите се со цел повторно да се удоволи на некое партиско вработување и да се вработи некој кој има сосема трет смер во струката.
Кои се горливите проблеми на Велес а кои се приоритет за вашата советничка листа на која како членови како совет би се насочиле?
АЈТОВ: Па мислам дека прв горлив проблем е паркирањето и сообраќајните решенија, одводната канализација со хигиената и екологијата во градот.
За овие проблеми имаме соодветни насоки за решавање на нжен во подолг временски период. Потоа е проблемот на поврзувањето на населбата Речани со централното градско подрачје во новиот дел од градот каде се наоѓаат институциите кои им се секојдневно потребни на тие жители.
Како Велес може да биде општина по мерка на граѓаните?
АЈТОВ: Едноставно, со домаќинско работење и со прави луѓе на право место во право време. Со одговорен градоначалник и одговорен совет. Само овакви луѓе може да бараат одговорност и домаќинско работење на сите вработени во и институциите под локалната власт па и пошироко. Со план за приоритети, со критериуми при вработување и раководни кадри. Се разбира и домаќинско работење и трошење на средствата кои ги прибира од граѓаните со што би се намалиле и давачките на граѓаните. Намалување на превработеноста преку мораториум на нови вработувања посебно мислам на партиски вработувања и релокација и нови ангажмани на човечките ресурси во јавните претпријатија и општината.
Да се зголемат приходите со поставување на фотоволтаици на сите школи и други јавни објекти кои имаат наклонетост спрема југ. На пример зошто тоа не се предвиди со новиот покриен пазар? Конструкцијата и кровот можеше да се нареди со фотоволтаици уште при изградбата, трошокот ќе беше помал и инвестицијата ќе се вратеше за пократок временски период.
Колку советници верувате дека ќе освоите?
АЈТОВ: Твоја партија е нов политички субјект кој за првпат се јавува во Велес. Апсурд е да очекуваме дека ќе освоиме поголем број на советници. Задоволни сме што ќе им понудиме можност на граѓаните за да ни дадат шанса за да влеземе во Советот на град Велес и да помогнеме за да се остранат сите досегашни аномалии околу грижата за хигиената, партиските вработувања, митото и корупцијата и јавните набавки. Да ставиме крај на партиските вработувања и да воведеме критериуми за вработување и избор на раководни лица по предлог на колективите а градоначалникот само да го потврди нивниот избор.
На крајот би сакал да кажам дека секој советник кој ќе биде избран од Твоја партија во Советот на општина Велес ќеиздвои средства од паушалот кој му следи во минимум од 3000 денари за доделување на стипендија на талентирани ученици или студенти од социјално загрозените семејства во текот на целиот свој мандат како советник. Исто така минимум 3000 денари секој месец ќе се донираат за добротворни цели за остварување на правата за лицата со хендикеп или слични здруженија кои постојат во градот од паушалот на секој советник.