Никој не бега од добро! – Интервју со Ленче Здравкин

Се случува нова хуманитарна криза во Авганистан. Очекувате ли тој бран на бегалци да се интензивира?

Ленче Здравкин: Моменталната хуманитарна криза во Авганистан е од широки размери и тамошните немири. Кршењето на човековите права, незаштитените жени и деца треба да не замислат бидејќи сме сведоци дека човештвото се руши за нечии интереси.

Колку бегалци до сега поминале низ вашиот мини пролазен центар за бегалци?

Ленче Здравкин: Низ нашата земја повеќе години има мигранти од авганистанскиот народ кој се труди да се извлече од она што таму се случува и секој на свој начин да го заштити своето семејство. Но мигрирање кон европските земји на овие лица не секогаш завршува успешно. На долгиот пат од илјадници километри се соочуваат со големи проблеми кои често завршуваат и фатално. Во моментов нема големо движење на бегалци од јужната граница, како резултат на безбедносните мерки од нашата земја и земјите во регионот. Среќни сме како земја што и нашите мировници беа евакуирани и сите се вратија безбедно дома. Не би сакала да размислувам дека бранот на бегалци може да се интензивира, бидејќи очекувам на висока свест кај тамошните владетели. Но! Но?

Кои се најчестите потреби на бегалците?

Ленче Здравкин: Изминативе години се соочивме со најголемата бегалска криза каде Македонија беше во центарот на балканската рута, односно бевме попатна станица на бегалците. Нивното движење се уште трае и поминувајќи кај нас немаат големи барања освен голтка вода, парче леб и да направат мала починка на некоја полјана или покрај железничката пруга.

Колку државата успева да помогне во бегалските кризи и кои се слабостите каде треба нештата да се поддржат?

Ленче Здравкин: С. Македонија им го пружи и се уште пружа хуман третман на бегалците. И сегашното прифаќање на краток престој на најзагрозените луѓе од Авганистан покажува дека знаеме и умееме да бидеме хумани бидејќи сите ние знаеме што значи помош кога е најтешко во една земја. Последните случувања со пожарите кои беснееја до пред некој ден беа очајни за нас, но сите соседни земји без размислување ги понудија своите расположливи ресурси за сузбивање на огнените стихии.

Дали контактирате со некои бегалци и после напуштањето на нашата држава?

Ленче Здравкин: Често контактирам со бегалците кои поминале низ нашата земја и драго ми е што носат убави спомени од Македонија и ја памтат нашата држава по убави работи и хумани луѓе. Знаат да бидат благодарни но и да сочуствуваат со нашите маки. Секојдневно добивав пораки во знак на поддршка додека нашата земја беше во пламен.

На што мислите се должи отпорот кај низа луѓе да помогнат на луѓето бегалци?

Ленче Здравкин: Кај одредени луѓе има отпор и стравување за прифаќањето на луѓе од Авганистан. Ги разбирам бидејќи секој стравува за својот опстанок, за своето работно место, слабата економија. Состојбата во светската Ковид пандемија и ред други случувања. Луѓето живеат во страв и неизвесност. Протести низ целиот свет и сето тоа делува психички кај народот. Но повторно ќе кажам дека нема потреба од стравување од бегалците од Авганистан бидејќи тие остануваат само на краток престој овде. Тоа се луѓе на кои животите им се во опасност и им е потребна помош сега и одма. Никој не бега од добро!

Кои се потребите на хуманитарците како вас, за помош на лицата бегалци?

Ленче Здравкин: Нашите хуманитарни организации секојдневно се соочуваат со недостатоци но никогаш не сме потклекнале. Не е лесно да се обезбеди храна, средства за хигена, лекови и ред други работи. Бројот на гладни и болни секојдневно расте затоа би замолила кај институциите и општествено одговорните фирми да наидеме на разбирање и заеднички да ги решаваме проблемите бидејќи само така може да градиме иднина за идните генерации. Помагајќи им на другите си помагаме себе си!

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме IMPACT-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search