Повик за заштита на граѓаните од пирамидални шеми

Од Фондацијата Импакт Нет упатија повик за: Заштита на граѓаните од измамнички инвестициски фондови и пирамидални шеми поради зачестеното појавување на нови така наречени ТАТ современи штедилници, инвестициски фондови, облаци од кои треба да врнат пари, one coini, каирос системи, конти, наводни Block chain тргувања и фишинг платформи за крипто. Сите тие инвестициски фондови и поединци кои нудат „брза заработка“ преку различни шеми се испостави дека во суштина претставуваат пирамидални модели или нерегулирани финансиски активности.
Ваквите практики доведуваат до сериозни последици – граѓаните ги губат своите заштеди, немаат гаранција за обештетување, а довербата во финансискиот систем се нарушува.
Пирамидалните шеми функционираат на принцип дека новите вложувачи ги плаќаат старите, без реален производ или инвестиција. Инвестициски фондови без лиценца од регулаторен орган често собираат пари од јавноста без да обезбедат механизам за заштита на вложувачите. Граѓаните често се доведени во заблуда со ветувања за загарантирана добивка, што е забранета практика во сите модерни законодавства.
За да се заштитат граѓаните, потребно е да се предложи Закон за заштита од нелиценцирани инвестиции и пирамидални шеми, кој би опфатил: Строга забрана и санкции Забрана за рекламирање и нудење финансиски производи и фондови без дозвола од надлежен регулаторен орган (НБРСМ или Комисија за хартии од вредност). Кривична одговорност за организаторите на пирамидални шеми. Обештетување на оштетените граѓани Создавање Фонд за обештетување сличен на осигурителниот фонд, кој би се финансирал од казни, конфискација на имот на организаторите и процент од регулираните инвестициски фондови. Брза постапка за поднесување пријави и надоместување на дел од изгубените пари. Јавна транспарентност и едукација Јавен регистар на сите легални инвестициски фондови и финансиски институции. Кампањи за информирање на граѓаните за ризиците од „брзи пари“ и нелиценцирани вложувања. Превенција и контрола Секој финансиски производ мора да има јасна гаранција за ризик и објаснување дали постои механизам за обештетување. Регулаторите да имаат право веднаш да блокираат сомнителни платформи и интернет-страници кои нудат пирамидални инвестиции.
Заштитата на граѓаните од измамнички инвестициски фондови и пирамидални шеми мора да биде државен приоритет. Законското решение треба да обезбеди сигурност, обештетување и превенција од идни измами. Само со јасна регулација и одговорност може да се изгради доверба во финансискиот систем и да се спречат манипулации со парите на граѓаните.