Предлог проект на кандидат за градоначалник спротивен на закон

Како медиум посветен на заштита на животната средина повикуваме кандидатите за градоначалници да бидат претпазливи во својата понуда на политичко додворување кон гласачите. Да проверат колку реализацијата на одредени предлог проекти реално би чинела, дали тие се во согласност или во спротивност со одерен закон, дали овозможуваат заштита на животната средина или истата ја деградираат и дали проектите се возможни за реализација. Доколку постои одредена несогласност со законот или се утврди дека одреден предлог проект би наштетил на животната средина да биде ревидиран или поништен.

Ова го посочуваме зашто во овој период на предизборие се изнаслушавме на плејада понуди на разно разни програми, предизборни ветувања и предлог проекти како оние за Вардар пловен, Космичка програма, бесплатен јавен транспорт и наидовме и на предлогот на кандидатот за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков за Студенчишко Блато. Програмата опфаќа добро срочени проекти но знаејќи дека за Студенчишко Блато во моментов постои Решение со кое се забранува секакво дејство во ова заштитено подрачје доаѓаме до заклучок дека предлог проектот не само што не соодветствува во поглед на зачувување на животната средина туку оди и кон прекршување на закон.

Имено кандидатот за градоначалник на Охрид во свој видео спот објавува дека еден од неговите предлог проекти за Охрид е ревитализација на Студенчишко Блато и изградба на препознатлива био атракција во тој дел, со дополнување дека ќе се изврши и реконструкција на паркот од Ден Долард до Студенчишта.

Градење во заштитено подрачје за кое постои Предлог закон да биде прогласено и за парк на природата дефинитивно би било нарушување на животната средина, а исто така градење или помисла за градење во тој дел е и невозможно затоа што во сила е Решение за привремена заштита на Студенчишко Блато согласно Законот за заштита на животната средина со кое се ограничува спроведување на следните активности: спроведување на постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок -У.Б 17.1, изработка и донесување на урбанистички планови, изработка и донесување на урбанистички проекти, изработка и донесување на урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спроведување на постапкa за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите за градежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта.

Привремената заштита на подрачјето согласно Решението ќе се применува до денот на влегувањето во сила на законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за парк на природата.

Ако Охрид навистина сака да го задржи статусот на заштита од УНЕСКО, секој кандидат за градоначалник или кандидат за советот или било која политичка личност или личност која донесува одлуки за Охрид и регионот треба да биде целосно посветен кон грижа и заштита на животната средина и културното и природното богатство на Охрид и охридско. И секој предлог на проект и секоја помисла на градежен зафат да не отстапува ниту милиметар од законското и прописно дејство во овој регион.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме IMPACT-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search