Кој Византиски Император е роден во Македонија? Како се грижиме за археолошкото богатство?

Ова издание на Форум Импакт ќе го посветиме на човекот кој потекнува од нашиве краеви, а оставил неизбришлива трага во историјата на човештвото. Човек, кој од сиромашно момче станал император, реформатор, градител, христијански светец – и чијашто приказна започнува токму овде, во малото место Тауресиум помеѓу Скопје и Велес.

Како ние се грижиме за културното и археолошкото богатство? Погледнете го видеото и дознајте.

https://www.youtube.com/watch?v=wTOdzdmMMXo&t=2s

Во видеото ќе направиме времеплов со кој ќе се потсетиме на Римската Империја, имено постоењето на истата може да се подели на три периоди: периодот на кралевите кој траел од 753 до 509 година пред Христос, периодот на Римската Република кој траел од 509 до 27 година пред Христос и периодот на Империјата кој траел од 27 година пред Христос до 476 година нашата ера. Во доцниот 3-ти и почетокот на 4-тиот век, тогашната империја се соочувала со внатрешни кризи, надворешни напади и економски тешкотии. За да го олесни управувањето, царот Диоклецијан го вовел системот на тетрархија (владеење на четворица), а подоцна царот Теодосиј I во 395 година официјално го поделил царството на Западно и Источно Римско Царство.

Западното Римско Царство со седиште во Рим (а подоцна Равена) пропаднало во 476 година, кога последниот западен цар, Ромул Августул, бил симнат од тронот. Источното Римско Царство, со седиште во Константинопол (денешен Истанбул), продолжило да постои уште речиси илјада години и станало познато како Византиско Царство.

Византија ја зачувала римската правна и државна традиција, но со текот на времето развила посебен културен, јазичен (грчки) и религиозен (православен христијански) идентитет. Во текот на своето постоење, Византија имала вкупно 94 императори, кои владееле од 330 година (кога Константинопол станал главен град) до падот на царството во 1453 година, кога Османлиите, предводени од султанот Мехмед II, го освоиле Константинопол. Со тоа завршила илјадагодишната историја на Византија и започнала нова ера под османлиска власт

Јустинијан е роден околу 482 година во Тауресиум, денешно село Таор. Владеел од 527 до 565 година и е еден од најголемите и најдолговечни византиски императори. Тој потекнува од скромно селско семејство, но преку својот вујко Јустин, кој станал император, добил образование, моќ и пат до тронот.

Во времето на Јустинијан, Византиската империја го достигнала својот територијален зенит – нешто што не се случило со векови. Благодарение на воените кампањи, териториите на империјата повторно се прошириле врз речиси целиот западен дел на некогашната Римска империја.

Под негова власт биле денешните држави:

– Италија (вклучувајќи ги Рим, Равена и Сицилија),

– Шпанија (југот, околу Андалузија),

– Северна Африка (Тунис, Алжир, делови од Либија),

– Балканот (вклучувајќи ја цела Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Босна, Црна Гора, делови од Хрватска),

– Грција, Турција, Кипар, Сирија, Либан, Израел и делови од Египет.

Јустинијан го обновил големиот сонот за обединета Римска империја, повторно поврзувајќи ги Истокот и Западот – барем за краток период.

Но Јустинијан не го направи сето тоа сам. Клучна улога одиграл неговиот легендарен генерал – Белисариј. Тој е еден од најуспешните воени команданти во историјата, често нарекуван „византискиот Александар Македонски“. Под команда на Белисариј, Византија ги победила Вандалите во Африка, Остготите во Италија и ги одбранила границите од Персијците. Интересно е што Белисариј често водел битки со многу помала војска од противникот – но секогаш со тактичка генијалност и беспрекорна дисциплина

Јустинијан бил не само војсководец преку своите генерали, туку и визионер-градител. Неговата најславна градба како што споменавме е Аја Софија (Света Софија) во Константинопол, која со векови била најголемиот христијански храм на светот. Освен тоа, изградил и обновил стотици цркви, мостови, патишта и тврдини низ целата империја – па дури и во неговото родно место.

Прокопиј од Цезареја – византискиот историчар и патеписец – во своето дело De Aedificiis, пишува дека Јустинијан изградил тврдина и го доуредил Тауресиум – токму од љубов и почит кон своето потекло.

Но, пред да стане император, неговиот роден крај бил погоден од страшен земјотрес. Во 518 година, голем дел од Скупи (античкиот град Скопје) и околината, вклучувајќи го Тауресиум, бил срамнет со земја. Овој настан оставил длабока трага врз младиот Јустинијан и веројатно го инспирирал неговиот фокус на изградба, безбедност и урбан развој низ империјата

Интересно е што локалитетот на Тауресиум не бил веднаш препознаен. Археолошкиот интерес за ова место започнува пред речиси 100 години, во првата половина на 20-от век. Истражувачи, врз основа на пишувањата на Прокопиј и локалните преданија, го лоцирале античкиот Тауресиум кај денешното село Таор. Првите истражувања и ископувања потврдиле постоење на доцноантички и византиски остатоци – ѕидини, керамика и основи на градби, што го поврзуваат местото со времето на Јустинијан.

Јустинијан не бил само световен владетел – тој бил и длабоко религиозен човек. Ја поддржувал христијанската вера, изградил многу цркви и ги штител канонските правила. Поради неговата посветеност на верата и христијанските вредности, Црквата го канонизирала како светец. Во православниот календар, неговиот празник се одбележува на 14 ноември.

Тауресиум – или денешното село Таор – е речиси заборавено. Иако постојат археолошки остатоци и поставени се неколку табли, клупи и информации на брајово писмо, тоа е далеку од она што би требало да биде. Замислете да беше ова во Грција или Италија – ќе имаше музеј, туристички тури, дигитални прикази, па дури и анимации за деца.

На место каде што е роден човекот кој ја обединил половина од Европа, ние имаме… неколку клупи.

Овој локалитет е национално богатство. Тоа е нашата историја. Наместо да стои заборавен, треба да се претвори во жив културен центар – со истражувања, реконструкции, настани, едукативни програми. Ние имаме моќна приказна – само треба да ја кажеме

Ако ви се допадна оваа приказна за Јустинијан Први и неговото патување од Тауресиум до тронот на Византија – споделете ја и заследете не на социјалните канали. Историјата не е само минато – таа е иднина, идентитет и инспирација.

https://www.facebook.com/ImpactMediaTeam

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме IMPACT-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search