Не нè убива маглата, туку вашата ненаситна алчност!

„Жолт картон за Усје и МЖСПП“, „Не нè убива маглата, туку вашата ненаситна алчност“, „Во Македонија едно од девет бебиња умира поради загаден воздух“, „Воздухот не е луксуз, туку основно право“, „Скопје се гуши, државата молчи – но ние не“, „Во одбрана на животот“ – беа само дел од пораките испишани на транспарентите на вчерашниот еколошки протест.

Протестот беше инициран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, а беше поддржан од бројни граѓани и еко-активисти, загрижени за состојбата со аерозагадувањето и здравјето на населението.

Собирот се одржа преку блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“, во правец кон Усје, односно во непосредна близина на кружниот тек кај влезот во Цементарата. Токму за овој индустриски капацитет, граѓаните уште кон крајот на декември побараа воведување континуиран 24-часовен мониторинг.

На импровизираната бина, секој присутен имаше можност да земе микрофон и јавно да ги искаже своите ставови и лични искуства. Фокусот на говорите беше ставен на загадениот воздух, сериозните здравствени последици, неефикасните институционални мерки и улогата на големите индустриски капацитети како значајни загадувачи.

Симболично, присутните им доделија „жолти картони“ на „Усје“ и на Министерството за животна средина и просторно планирање, како знак на јавна опомена.

Од иницијативата „Стоп за Усје“ уште еднаш ги повторија своите барања: итно ставање во функција на мерната станица во Кисела Вода, инсталирање автоматски CEMS-систем за континуирано следење на емисиите од оџаците на Цементарата, како и премин кон почисти енергенси во производството, како природен гас или водород.

Дополнително, побараа ревизија на постојните критериуми за прогласување вонредна еко-состојба, како и акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.

Како што истакнаа, институциите досега не одговориле со конкретни чекори на овие барања.

„Не прифаќаме модел во кој индустриските капацитети сами мерат и сами пријавуваат податоци за загадувањето. Бараме јавен, независен и 24/7 мониторинг, достапен за граѓаните во реално време. Само така ‘Усје’ може транспарентно да покаже дека не загадува. Од што се плаши?“, прашаа од иницијативата.

Според нив, граѓаните имаат право на точни и проверливи информации за воздухот што секојдневно го дишат, нагласувајќи дека тоа не е привилегија, туку основно човеково право.

Тие упатија и јасна порака дека доколку институциите продолжат со молк и неактивност, ќе следи радикализација на граѓанскиот притисок преку поинтензивни, почести и пошироки акции.

„Ова не е закана, туку директна последица на институционалната неодговорност“, порачаа од „Стоп за Усје“.

Во меѓувреме, со свој став се огласи и „ТИТАН Усје“, која ги отфрла обвинувањата дека е причинител на загадувањето, оценувајќи ги како тенденциозни и засновани на произволни толкувања.

Од компанијата посочуваат дека двете печки моментално не работат поради редовен ремонт – едната од 20 декември 2025 година, а втората од 16 јануари 2026 година. И покрај целосниот прекин на производството, како што наведуваат, измерените концентрации на ПМ10 честички во изминатите денови достигнале високи вредности, што, според нив, се повторува секоја година и укажува дека изворите на загадувањето се повеќеслојни.

Од „ТИТАН Усје“ додаваат дека компанијата поседува А-интегрирана еколошка дозвола и дека е под постојан 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, при што резултатите се јавно достапни преку неделни извештаи.

(Фото: Н. Гелевски)

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме IMPACT-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search