Бетонот и челичните конструкции забранети за Охридските плажи

Општина Охрид распиша Јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро, согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Градоначалникот Константин Георгиевски на денешната прес-конференција рече дека целта е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот, а уредени по желба на граѓаните.
„Оваа можност ја користам да ги повикам сите архитекти и стручни лица од оваа област, да покажат интерес и да се вклучат во оваа мисија за креирање на нова слика на крајбрежјето, создавање на една нова понуда која ќе ги подобри условите за развој на туризмот и ќе овозможи зачувување на природните богатства“ рече Георгиевски.
Тој рече дека во уредувањето треба да се применат автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен.
За сè погласните реакции на граѓаните дека дел од слободните плажи повторно се послани со лежалки и се наплаќа паркинг, а на некои од нив повторно никнуваат шанкови, Георгиевски кажа дека тоа се нелегални девијантни појави кои секојдневно се санкционираат од страна на инспекциските служби.